Надал: Особено е убаво кога освојуваш турнир, а не играш добро

Рафаел Надал оваа недела ќе биде првиот носител на турнирот од Мастерс серијата во Мадрид. Вториот тенисер во светот дојде во главниот град на Шпанија со титулата од Барселона.

Во возбудливо финале, тој го победи Гркот Стефанос Циципас, во натпревар во кој промаши три, а подоцна спаси и една меч топка.

„Барселона беше чекор напред за мене. Не играв на врвно ниво, но успеав да останам позитивен и да го прифатам предизвикот. Мислам дека вакви турнири значат многу за самодоверба. Знаете дека не блескате, а успеавте да победите“, истакна Надал.

Шпанецот е слободен во првото коло, а во второто коло ќе игра со подобриот тенисер од мечот меѓу Алкараз – Манарино.

„Оваа година не играв многу. Мадрид е само мојот четврти турнир во годината. Секој знае дека ова е најтешкиот турнир на земја, поради големата надморска височина, но истовремено и еден од најемотивните. Убаво е повторно да има гледачи. Се надевам дека ќе се ставам во позиција да имам шанса за победа“, изјави шпанскиот ас.

Последен пат Надал славеше во главниот град на Шпанија во 2017 година. Освои вкупно пет титули.

Се вчитува...