Надал откри зошто се откажал од настапот во Париз

Рафаел Надал се откажа од настап непосредно пред стартот на Мастерс турнирот во Париз и од понеделник го губи првото место на АТП листата. Шпанецот на прес конференција во Париз објасни зошто се повлекол и како се одлучил на таков потег. Овој пат не се работи за проблемот со коленото поради кој Надал ги пропушти настапите после УС Опен, туку за нова болка.

„Среќен сум што бев овде во Париз неколку дена. Тренирав со играчите и навистина уживав. Се чувствував подобро отколку што мислев дека ќе биде пред една недела. Но, вистината е дека почувствував болка во стомакот. Особено при сервис. Проверив со докторот и тој ми препорача да не играм бидејќи ако продолжев повредата можеше да се влоши и да добие посериозни размери. Тоа навистина не го сакам“ – изјави Надал.

Се уште актуелниот прв светски рекет рече дека можеби и можел да го одигра мечот со Фернандо Вердаско, но дека не сакал да ризикува.

„Ова беше тешка година за мене во однос на повредите и сакам да избегнам некои драстични работи. Можеби можев да играм денеска, но докторот ми рече дека ако сакам да го играм целиот турнир, тогаш повредата сигурно ќе се влоши“ – вели Шпанецот.

По отстапувањето на Рафаел Надал, на првото место на АТП листата во понеделник ќе се врати Новак Ѓоковиќ.

Се вчитува...