Надал: Повредите ме излудеа

Најдобриот шпански тенисер Рафаел Надал искрено зборуваше за неговите физички проблеми и честите повреди. Тој и минатата сезона повторно се соочи со слични проблеми поради што беше принуден да пропушти неколку врвни турнири.

„Морате да бидете искрени со себе, а јас тоа често го правам. Многу работи ми се случија во последно време, по Ју Ес опен четири месеци бев повреден. Ја повредив тетивата, а потоа се вратив во „Берси арената“ во Париз и доживеав нова повреда, овојпат на стапалото. Морав на операција“ – рече Надал за ЕСПН. 

Проблемите на Шпанецот продолжија и во 2019, но сепак успеа да стигне до финалето на првиот грен-слем во годината.

„На почетокот на годината имав проблеми со бутниот мускул и не можев да играм во Бризбејн. Добро се подготвив за Австралија опен, бидејќи немав проблем на тренинзите. Турнирот во Мелбурн беше супер, гледајќи ги сите околности, но единствено жалам за тоа што не можев да бидам на ниво во финалето. Тогаш играв против сјајниот Ѓоковиќ и многу работи ми недостасуваа да играм на високо ниво“ – додаде Рафа. 

Тој говореше и за продолжението на сезоната.

„Играм во Индијан Велс, а потоа ќе видиме што ќе биде во Мајами, Монте Карло, Барселона, Рим… За сите овие турнири размислувам. Сакам да имам полесен распоред како би можел да бидам подготвен и да имам што подолга кариера“ – заврши Надал. 

Рафа во првото коло е слободен, а својот деби настап годинава во Индијан Велс ќе го има в недела.

Се вчитува...