Надежите прокоцкаа триумф против Ерменија (3-3)

Младата фудбалска репрезентација на Македонија не успеа да ја оствари втората победа во квалификацискиот циклус, играјќи само 3-3 против Ерменија на домашен терен. Со ова реми никако не можеме да се помириме дека е позитивен резултат, ако се знае дека избраниците на новиот селектор Добринко Илиевски прокоцкаа предност од 3-1 во последните три минути од мечот.

Ерменците со автоголот на Алекса Амановиќ во 90.минута и со погодокот на Петрос Аветисјан во третата минута од судиското продолжение стигнаа до реми.

На комплексот во Куќата на фудбалот, Македонија прва поведе со голот од слободен удар на Јани Атанасов во 26.минута. Петрос Аветисјан израмни од пенал во 56.минута, а потоа беше досудена најстрога казна и за Македонија, која во 73.минута ја реализираше Давор Здравковски.

Чурлинов во 88.минута зголеми на 3-1, но кога нашите млади фудбалери помислија дека ја обезбедиле победата, Ерменија постигна два гола во завршницата и стигна до нерешен резултат.

Се вчитува...