Надежите со нов квалитетен меч, но четири минути невнимание во одбраната им пресуди за пораз од Холандија (ВИДЕО)

Младата репрезентација на Македонија не успеа да приреди уште едно изненадување со позитивен резултат на стартот од квалификациите за ЕП 2025, доживувајќи пораз од моќната Холандија со 0-2, овој пат на домашен терен.

По онаа победа над Шведска во Јончепинг, избраниците на Драган Канатларовски, иако одиграа повторно квалитетен дуел во кој објективно не заслужија пораз од „лалињата“, на крај мораа да се помират со загубени бодови само поради четири минути невнимание во одбраната.

Во првото полувреме иако гостите ја имаа иницијативата, со посед на топка, македонските репрезентативци беа тие кои имаа поконкретни можности за гол, но Илиевски, Максимов и Николов кои најчесто реализираа успешна транзиција кон голот на „лалињата“ не успеаја да погодат.

Најголемата шанса ја имаше Иван Николов во првата минута од судиското продолжение на полувремето, кога по корнерот од левата страна мајсторски шутираше од 16 метри, но топката заврши само сантиметри покрај левиот дирек од голот на Холандија. Во следниот напад и Максимов одлично продре по десната страна, но неговиот центаршут на 6-7 метри пред голот на гостите немаше кој да го испрати, на крај за 0-0 на паузата.

Во второто полувреме повторно одлична игра на македонските надежи. Николов со 100% шанса во 54. минута, но одбрани холандскиот голман, потоа следеше уште еднаш шанса за Илиевски, па откако ние не реализиравме следеше казната на спротивната страна.

Во 68. минута убава акција на Холандија која од само неколку метри во гол ја претвора Охајо за водство од 0-1.

Веќе во 72. минута, пенал за гостите. Охајо беше соборен пред нашиот гол, а Тејлор успешно реализираше од белата точка за 0-2.

До крајот македонските репрезентативци се обидуваа да израмнат, во 87. минута повторно Николов мајсторски шутираше но за малку неговиот шут беше блокиран во корнер, за на крај триумф на фаворитот од 0-2.

Македонија: Марко Алчевски, Стефан Деспотовски, Андреј Стојчевски, Решат Рамадани, Методи Максимов, Лука Станковски, Хамза Рамани, Иван Николов, Бехар Фета, Ване Крстевски, Марио Илиевски;

Резерви: Луан Абази, Матеј Ангелов, Михаил Димитриевски, Имран Фетаи, Берат Калкан, Иван Николоски, Марио Ричков, Мартин Талаков, Димитар Тодоровски;

Селектор: Драги Канатларовски

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...