Раџа Наинголан од денеска е нов член на Интер, откако белгискиот ас го комплетираше својот трансфер од редовите на Рома вреден вкупно 38 милиони евра (24 милиони евра плус Сантон и Заниоло). Со ова засилување раководството на „нероаѕурите“ го исполни ветувањето дадено кон тренерот Спалети, кој го бараше токму својот поранешен играч од Рома како клучно засилување за наредната сезона.
„Не очекував толку топол дочек, среќен сум што дојдов овде, сега на мене е да заслужам уште повеќе аплаузи за време на натпреварите. Мило ми е што пак ќе играм за Спалети, мојата најдобра сезона во кариерата беше со него и се надевам дека пак ќе играм на највисоко ниво. Зошто Интер? Мислам дека најважна е довербата што ја покажа овој клуб во моите квалитети, од Занети и од тренерот Спалети. Направија да се чувствувам важен, нешто што повеќе не го чувствувам во Рома. Среќен сум и мотивиран за новата авантура, верувам во добри игри и резултати не само во Калчо-лигата туку и во ЛШ. Интер мора пак да биде важен фактор во Европа“ – изјави Наинголан при потписот на договорот.
Трансферот на Раџа Наинголан означува и крај на надежите на Рафиња дека овој фудбалер ќе остане во Интер. Тој ги мина последните месеци од ланската сезона на позајмица од Барселона, се очекуваше „нероаѕурите“ да го откупат неговиот договор со каталонскиот гигант, за Спалети да го промени својот став и целосно да го насочи вниманието кон Наинголан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА