Македонската репрезентација во меѓу-термин од два квалификациски собири во циклусот за пласман на СП 2022. Новиот селектор Благоја Милевски го имаше првиот собир на чело на националниот тим по кој Македонија остана во сериозна игра за баражот за мундијалски пласман, но и со пропуштена можност за бодовна резерва пред директните конкуренти. „Сер Боби“, се чини, онака како што пред седум години ја почна тогаш европската одисеја со младата репрезентација, со убедлив пораз во Исланд и резултатска нестабилност – но со цврста определба да се изгради репрезентација, сега го почнува и сениорскиот пат.
И покрај размислувањето на спортската јавност дека бодовно мораше да се извлече повеќе од септемврискиот собир, во разговор за ЕКИПА, отворајќи ги сите неодговорени прашања, уште еднаш потенцира дека за само шест дена заеднички тренинзи со играчите добил и повеќе од што очекувал пред собирот, а македонската репрезентација конечно добива стил на игра по која мора да биде препознатлива во иднина.
„Тие што сакаат и што знаат да видат, јасно ќе ја воочат разликата во играта на македонската репрезентација. Кога низ една тоталната доминација ќе ги натерате репрезентациите на Романија или Ерменија да се бранат како никогаш претходно во наши меѓусебни дуели, тогаш не може а да не бидете задоволни од одговорот на фудбалерите на терен. На тие три натпревари не постоеше она досегашното наше само да се надигруваме со противникот, туку да доминираме над противникот. На мечот со Романија во ниту еден момент не се постави прашањето дали можеме, туку само го чекавме тој момент – гол, кој за жал изостана. А головите ќе дојдат верувајте“ – вели Милевски на стартот од разговорот, низ анализа на трите септемвриски дуели, притоа веднаш дополнувајќи:
„Интересни ми се некои констатации како Ерменците или Романците никогаш не биле полоши, а ние не сме го искористиле тоа. Па кој ги натера да изгледаат така? И со тактичка поставеност, и со движење, и со различен пресинг на сите три натпревари, и со доминација на терен… Тоа се селекции кои и тоа како знаат да играат, ако им дозволите да играат. Па споредете го само натпреварот со Романија во Букурешт. Се запрашал ли некој како е можна една таква наша трансформација во игра против една иста селекција во период од само пет месеци. Затоа мене воопшто не ме загрижуваат резултатите. Да, ќе добиете еден или два натпревари на среќа, но тоа не е долготрајно решение за национален тим. Време е конечно Македонија да добие игра по која ќе се карактеризира репрезентацијата, по која ќе не препознаваат. Тоа е нашата главна цел. Секако, никој не ни помислува во сето тоа резултатите да ги занемарува. И никој не вели дека не сакаме резултати. Напротив. Да, јас сум прв свесен дека од септемврискиот циклус согласно она што го заслуживме најмалку четири бода сме минус, но горд сум на сето она што го направија момците за два тренинга и прв собир во кој одигравме три натпревари во шест дена. После долго време форсирање на еден стил на игра, сега наидуваат на сосема друг стил на игра, нова филозофија, нови задолженија со многу тактичка дисциплина…, и одговорија на едно високо ниво на сето тоа“.
ЕДИНСТВЕНО ПРОБЛЕМАТИЧНИ ОД СЕПТЕМВРИСКИОТ СОБИР БЕА ОНИЕ 10-15 МИНУТИ НА ИСЛАНД, КОМПЛЕТЕН ПСИХОЛОШКИ ПАД, НАРУШЕНА ТАКТИЧКА ДИСЦИПЛИНА…
Од сегашан аспект, по сите анализи, од што единствено не сте задоволни од тој септемвриски собир ако во глобала репрезентативците одговорија на едно високо ниво?
„Единствено од оние 10-15 минути на Исланд кога комплетно паднавме на психолошки план. Необјасниво е како се случи таков хаос на терен во кој целосно беше нарушена тактичката дисциплина. Но, психолошкиот момент во фудбалот никогаш не може да го предвидите, исто како и индивидуалната грешка, кои ни пресудија во Рејкјавик. Фудбалерите се изместија позиционо, заборавија на системот, комплетно се исклучија, па некако во тие моменти единствено нешто беше да влезам и на терен. Во желбата малку да ги ‘разбудам’, ништо друго не ми преостана, па и по цена ете на тој жолт картон. Сепак, навистина сум среќен од реакцијата на сите репрезентативци по еден таков меч и начинот на кој се одигра против Романија. По тој натпревар со Исланд уште истата вечер во Рејкјавик имавме заеднички состанок со фудбалерите за дијагностицирање токму на тој психолошки проблем кој ни се појави на крајот од натпреварот. Сакав да дознам од фудбалерите зошто тактичката дисциплина на терен беше тотално заборавена, зошто го напуштија системот на игра…, и оставив секој сам да го најде своето место и влијание во тимот, затоа што ние на терен сме и мора да бидеме тим а не поединци. Токму тоа мислам дека беше појдовна точка за да се има максимално позитивна реакција на натпреварот со Романија кој следеше по само два дена, и сите до еден да демонстрираат позитивно издание на терен. Еден таков натпревар против Романија да одиграат по еден таков психолошки пад кој се случи на Исланд, јас еве повторно може да кажам само секоја чест за фудбалерите.“
Но, сепак се работи за високопрофилирани фудбалери, искусни поединци од најсилни европски шампионати, па зачудува зошто би бил можен еден таков пад во игра?
„Мое мислење е дека такви падови се случуваат затоа што секогаш се било подредено играта да зависи од еден или двајца, одговорноста на терен да ја носат еден или двајца. И тоа е грешка која не се корегираше долги години. Сега се е подредено на тимската игра, тимското функционирање. Мора секој да ја знае својата улога во тимот и мислам дека тоа носи одреден психолошки товар за дел од играчите. Но, колку и да изгледа сето тоа проблематично во моментов мора да се избориме со тоа, затоа што тоа е од интерес на изградба на репрезентација каква сакаме. Работиме на тоа, сигурно имаме уште многу работа за да дојдеме до нивото кое го посакувам, но повторно ќе нагласам дека момците, без разлика на нереализацијата на мечевите со Ерменија и со Романија, одиграа навистина на едно високо ниво на септемвриските натпревари. Кога ги анализираме натпреварите со Ерменија и Романија мора, за жал, да ја нагласиме и катастрофалната состојба на теренот на нашиот најголем стадион. Очигледна беше фрустрацијата кај репрезентативците, посебно кај оние креативците, затоа што и тоа како токму во делот на финалната реализација лошиот терен ја има најголемата улога. При еден така лош терен секогаш е полесно на оние тимови кои се бранат.“
МИОВСКИ Е ТУКА, МНОГУ ДОБРО ГИ ЗНАМ НЕГОВИТЕ КВАЛИТЕТИ – ЗДРАВКОВСКИ ИСТО ТАКА Е РЕПРЕЗЕНТАТИВЕН ПОТЕНЦИЈАЛ
Првата слика со септемврискиот собир е добиена. На следните собири ќе има промени во играчкиот кадар?
„Дај боже да имаме уште поголем избор на квалитетни играчи. Јасно е дека секој посакува што поголем избор за репрезентативните редови но мислам дека и целокупната домашна спортска јавност е свесна дека генерално тоа е најдоброто од Македонија. Секако сум задоволен од одговорот на оние кои во минатото имале помала репрезентативна минутажа, и Костадинов, Чурлинов, Милан Ристовски кои покажаа дека и тоа како имаат репрезентативен потенцијал. Од овие три натпревари добивме навистина неколку имиња кои и тоа како ќе бидат конкурентни за првиот тим, а ако го дополниме тука и Адеми кој недостасуваше токму на оние најпроблематични позиции, јасно дека играта ќе добива се поуспешен лик во иднина. Со оглед на тоа што фудбалерите се соочија со еден комплетно нов концепт на подготовка и наметнат стил на игра со инсистирање конечно веќе еднаш да го промениме долгогодишниот ментален склоп да се браниме на секој натпревар, јас навистина од сите репрезентативци добив и многу повеќе од тоа што очекував пред собирот. Да, изостана реализацијата, но кога е тоа во прашање не се сомневам дека и тоа ќе исплива на површина.“
Кога станува збор за нереализацијата останува прашањето зошто тогаш минути на септемвриските натпревари не добија Бојан Миовски, Јани Атанасов…?
„Неспорно е штом се повикани во репрезентацијата дека и тоа како имаат квалитет кој го демонстрираат во своите клубови. Со Миовски, за жал, имавме несакан проблем со официјалната лабораторија за тестови на коронавирусот пред мечот со Ерменија, а потоа можноста за настап зависеше и од самиот тип на натпревари. Миовски е малку поразличен тип на напаѓач од Јаховиќ и Милан Ристовски. Па, против таков тип на одбрана, максимално згусната и повлечена пред својот гол, каква што имавме на сите три натпревари, единствено беше да се пробива со поробусни напаѓачи. Миовски и во својот клуб е вистински опасен кога последната противничка линија е понапред, затоа што е поподвижен, полуциден офанзивец, и јасно е дека тој е тука и ќе биде со нас. Јас многу добро го знам и од младата репрезентација, и знаеме дека е наша иднина. Ние немаме право да се откажеме од ниту еден потенцијал. Кога го спомнувам тој репрезентативен потенцијал, тука секако е и Давор Здравковски кој игра стандардно во кипарскиот АЕЛ и беше дел од нашите млади селекции.“
ЕРДАЛ РАКИП ДОБИВА ПОВИК ЗА ОКТОМВРИСКИТЕ КВАЛИФИКАЦИИ
Во средниот ред за октомвриските натпревари со Лихтенштајн и со Германија ќе бидеме засилени и со Ердал Ракип од Малме за кого е завршена процедурата за добивање право за настап.
„Поради краткиот период не успеа да се добие дозволата за негов настап на септемвриските дуели. Сега комплетирана е целокупната документација и добиена е дозвола за настап на Ердал Ракип во македонскиот дрес. Па, со него и со враќањето на Адеми кој сигурно ќе ни биде на располагање ќе се зголеми навистина конкуренцијата во средниот ред. Но, проблем сигурно ќе ни претставува повредата на Енис Барди еден беспрекорен фудбалер, кој се повреди на натпреварот со Романија. Посакуваме да се опорави до октомврискиот собир закажан за 3/4.октомври, затоа што за секого е јасно колку е важен за селекцијата.“
НЕ СМЕЕ ДА ИМА НЕЕДНАКВОСТ МЕЃУ РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИТЕ, НАЦИОНАЛНИОТ ДРЕС Е ИСТ ЗА СЕКОГО…
НЕ НИ СЕ ПОТРЕБНИ САМО ГОЛИ-ФРАЗИ ЗА ЗАМАЈУВАЊЕ НА ЈАВНОСТ КАКО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА Е „ФАМИЛИЈА“ АКО ВО СУШТИНА ВНАТРЕ И НЕ СЕ ФУНКЦИОНИРАЛО ТАКА
Неодамна директорот на А-репрезентацијата, Дени Масев отворено ги потврди информациите кои провејуваа во јавноста за недисциплина во националниот тим за време на подготовките за ЕП. Па, всушност сега се поставува прашањето колку македонската репрезентација е вистински изградена на врвно ниво како институција? Колку всушност забавите и излегувањата на поединци за време на собирите, на сметка на останатите кои се држеле до професионализмот, говори за нееднаквоста внатре меѓу репрезентативците? Колку недисциплината надвор од терен и поделеноста на ‘кланови’ претставувале проблем, иако во јавност постојано се форсираше приказната дека репрезентацијата е едно големо „семејство“?
„Тоа се аномалии, исто така, со кои мора да се соочиме затоа што не може да бараме дисциплина на терен од играчите ако нема дисциплина надвор од терен. Да. Знаеме дека уште пред настапот на ЕП имало недоследности во професионалното функционирање на селекцијата. Па пред нас сега е отворена желба на вистински начин да се изградиме како тим издвојувајќи ги на највисоко можно ниво човечките вредности кај секој од нас, затоа што оние фудбалските и никогаш не биле спорни. Не ни се потребни само голи-фрази за замајување на јавност како репрезентацијата е ‘фамилија’ како во минатото, ако во суштина внатре и не се функционирало така. Не смее да има нееднаквост меѓу репрезентативците. Мора да има ист третман за секого. Националниот дрес е ист за секого. Без разлика на годините, репрезентативец е репрезентативец. Без разлика кој со каква функција е во репрезентацијата сите имаме еднакво значење, и секој мора да си го знае своето место и одговорност во тимот. Почнувајќи од економот во македонската репрезентација па се до селекторот сите мора да имаат ист третман како дел од тимот. Меѓусебната почит мора да биде на врвот на односите, затоа што никој не е пред колективот. И, ако важат правилата за еден, какви и да се, тогаш ќе важат за сите“.
Не очекуваат последните четири квалификациски натпревари од битката за пласман на СП 2022. Има ли доволна мотивација меѓу фудбалерите за максимален финиш?
„Нема потреба за никаква дополнителна мотивација кај фудбалерите кога се работи за националниот дрес, затоа што навистина се работи за врвни професионалци кои видов дека горат од желба за нови идни успеси на националниот тим. Искрено, со оглед на тоа што во септември беше прв наш заеднички собир и имавме само неколку денови тренинг, јас сум презадоволен. Сега не чека, според мене, најтешкиот меч од оваа последна квалификациска фаза против Лихтенштајн. Еве слободно може да кажам тука, ако го победиме Лихтенштајн тогаш сигурно ќе играме бараж за пласман на СП 2022. И ова не е кажано само про-форма туку врз основа на сето досега видено во квалификациите. Битката за баражот за пласман на СП останува и знам дека ќе трае буквално до последното квалификациско коло и дуелот со Исланд во Скопје во ноември, затоа што согласно моите анализи Исланд воопшто не е селекција против која Романија ќе победи, без разлика што нивниот меѓусебен натпревар во ноември се игра во Букурешт. Кога ги анализирам нашите амбиции и шанси низ еден циклус, тогаш секогаш ја гледам пошироката слика во групата. И знам дека момците со својот квалитет на крај ќе се изборат за заслуженото!“
ТЕКСТОТ Е ОБЈАВЕН НА 24. септември 2021 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА