Повторно Македонија и наби комплекс на Италија, која без победа си заминува од Скопје, односно со само еден од „планираните“ три бода. Повторно нашите репрезентативци со уште една добра партија и добар резултат со „Азурите“ кои никако да ја научат лекцијата од минатите дуели дека против Македонија едноставно не може така да се игра. Иако водеа на почетокот од вториот дел, сепак, на крајот Барди со вистинска „бомба“ во мрежата на Донарума носи еден голем бод за Македонија, кој и тоа како ќе значи мотив повеќе за продолжението на квалификациите, и резултат кој е добродојден по катастрофата од Манчестер и најубедлиот пораз во историјата.
Македонија го почна мечот борбено, растрчано, мотивирано… Се гледаше желбата уште на стартот да им се покаже на Италијанците дека нема така лесно да минат низ Скопје.
Македонија може да жали што во 19. минута не се стекна со предност. Алиоски украде топка по левата страна, одлично се отвори Миовски на другата страна, центаршут, а Миовски со глава го промаши голот на Италијанците. Донарума се чини ќе немаше шанса, но остана жал за оваа прилика.
Не мина многу време до најдобрата шанса и на Италијанците кога во 21. минута Тонали ја погоди стативата. Доби топка од Барела, излезе сам пред голот на Димитриевски, но стативата беше наш сојузник. Веднаш потоа шанса и на Кристанте по изведен корнер, одлична интервенција на македонскиот голман.
Натпреварот се „смири“ се до 38. минута кога Елмас ја разбуди публиката со шут од 20 метри, но и одбрана на Донарума. Алиоски го блокираше обидот на Барела во 41. минута, а потоа во обид Димитриевски да ја собере топката се повреди, и остана да лежи на теренот. После укажаната помош се врати на теренот и го доигра полувремето.
Шок за Македонија и за гледачите на Арената веднаш во првата минута од вториот дел. Од една навидум безопасна акција и лошо исфрлена топка, Италија го најде патот до мрежата на Димитриевски. Манев исфрли до 17-18 метри од голот, а топката некако стигна до Барела, кој шутираше во пречката, а одбиената топка стигна до Имобиле кој со глава постигна гол и ги доведе Италијанците во водство. ВАР го потврдува голот и предноста за „Азурите“.
Тивко беше по голот на Италијанците. Тие се обидуваа да „украдат“ време уште од стартот на вториот дел, а потоа Македонија тргна во пресинг. Елмас во тие мигови ги „излудуваше“ Италијанците, а еден негов обид во 67. минута „профуче“ крај дирекот од голот на Донарума. Неколку сантиметри недостасуваа за италијанскиот голман да ја вади топката од мрежата и Македонија да израмни.
Македонија тргна на се или ништо, таму пред голот на Италија да ја бара шансата. Елмас ги излудуваше италијанските играчи, а Заниоло мораше да го сопира со прекршок во 81. минута, и тоа ќе се покаже како целосно погрешен потег. Затоа што Енис Барди ќе шуtира од слободен удар и со „бомба“ ќе го совлада Донарума, и ќе донесе „експлозија“ на 28.000 гледачи на трибините на скопската Арена.
До крајот на мечот Македонија успеа да го издржи притисокот од Италија и на крајот да слави еден голем бод.
ТЕКСТОТ Е ОБЈАВЕН НА 09.09.2023</strong>
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА