Најдобри ракометни трансфери: Двајца „екс-вардарци“ во Топ 10

ЕХФ вообичаено секое лето прави избор од најдобрите 10 трансфери во европскиот ракомет, каде традиционално се наоѓа место и за ракометари на Вардар. Со години наназад во центарот на вниманието беа играчи кои доаѓаа во таборот на „црвено-црните“, но овојпат во Топ 10 листата има место за двајца поранешни ракометари на македонскиот шампион, кои се преселија во нови клубови чии бои ќе ги бранат во Лигата на Шампионите.

Сташ Скубе е шестопласиран на оваа ранг-листа со осигураниот трансфер во Мешков Брест, каде словенечкиот среден бек ќе биде значаен адут на белорускиот првак. На високото второ место се наоѓа Даинис Криштопанс, кој од Вардар си замина уште во текот на ланската сезона, за летово да го комплетира веќе договорениот трансфер од соништата во ПСЖ.

„Конечно, Даинис Криштопанс повторно му се приклучи на Раул Гонзалес, тренерот што му помогна да стане играч од светска класа. Тандемот направи чудо во Вардар, носејќи му ја првата европска титула на клубот, но дали можат истото да го сторат и во ПСЖ. Покрај очигледните квалитети, Криштопанс е скромен и посветен на колективот, што ќе биде голем плус за тимот што се уште не ги исполнил очекувањата кога е најважно во Европа“, се вели во анализата за леворакиот „бомбардер“.

Очекувано, трансфер број 1 во ракометна Европа летово е оној на Сандер Сагосен од ПСЖ во Кил, додека веднаш зад Криштопанс на третото место се најде Блаж Јанц, со преселбата од Киелце во Барселона. Местото број 4 е резервирано за Лук Абало и неговата преселба во Елверум, пред Николас Турна, кој летово го напушти Нант и се пресели во Киелце.

Скубе е шестопласиран, а зад него до десеттата позиција се наоѓаат Македа (од Пик Сегед во Веспрем), Менсах Ларсен (од Некар-Левен во Фленсбург), Фигерас (од Гранолјерс во Нант) и Мачковшек (од Веспрем во Пик Сегед).

Се вчитува...