Најдоброто од ЕП за млади: Донарума, Санчес, Саул, Бернардески…

Во пресрет на Европското првенство за репрезентации до 21 година кое ќе се игра во Полска, организаторот на шампионатот издвои „дрим-тим“ од 11 најдобри фудбалери кои ќе настапат и ќе ги бранат боите на своите национални тимови. Скоро 300 репрезентативци ќе ги одмеруваат силите од 16. јуни па се’ до 30. јуни, а најдобрите 11 играчи имаат вкупна вредност од астрономски 252 милиони евра.

Џанлуиџи Донарума – 19 годишниот Донарума веќе е меѓу елитата, го сметаат за еден од најдобри чувари на мрежа во Европа, а ја доби етикетата „наследник“ на Буфон по фантастичните партии во дресот на Милан. Секако, нема чека многу да стане и прв голман на Италија, но најпрвин ќе треба да одговори на обврските за младинската селекција.

Хектор Белерин – Шпанецот е уште еден производ на Барса кој предвреме ја напуштил академијата. Но, како и на Фабрегас, среќата му се насмевна во Арсенал, стана фантастичен бек, заслужено е стартер кај премиерлигашот. На Арсен Венгер не му е по мерак што Белерин инсистираше на настап за младинската селекција, но десниот бек е решен да помогне „фуријата“ да стигне до уште едно злато на европските младински шампионати.

Џонатан Тах – Стоперот на Леверкузен е еден од многуте млади германски фудбалери кои во последниве две сезони доби прилика да заигра за сениорскиот тим на „аптекарите“, па така стана столбот на одбраната во клубот. Заинтересираноста од Бундес-лигата и Премиер-лигата е голема, Тах моментно е проценет на 22 милиони евра од страна на „милионерите“.

Јерај Алварез – Дефанзивецот на Билбао не играше во квалификацискиот циклус за репрезентацијата на Шпанија, во текот на сезоната се мачеше со повреда, но неговиот потенцијал е голем, на пазарот има вредност од 15 милиони евра, што го прави втор најскап дефанзивец на првенството.

Хосе Гаја –  Иако најчесто се зборува за офанзивните способности на шпанската репрезентација, „фуријата“ поседува доста квалитетна одбрана. Бекот на Валенсија, Хосе Гаја е „наследник“ на Жорди Алба и Хуан Бернат, кои се прославиле преку овој клуб.

Денис Суарез – Уште еден претставник на „фуријата“ во овој комбиниран состав, 23-годишниот креативец на Барселона е еден од носителите на националниот тим. На почетокот на минатата сезона се врати на „Камп Ноу“, иако во кампањата на Барса не учествуваше колку што би посакал, но вистината е дека покрај такви супер-ѕвезди нормално е да седиш на клупа.

Ренато Санчес – Златното момче за 2016 година за прв пат ќе настапи за младите селекции. По извонредните партии во Бенфика пред две сезони, заработи повик од селекторот на сениорскиот тим на Португалија, настапи на ЕП во Франција каде Португалците на крајот го освоија трофејот, а потоа потпиша за Баерн Минхен. Баварците платија 35 милиони евра за талентираниот плејмејкер, но од Анчелоти добиваше сосема минимална минутажа. Сега кариерата ќе мора да ја спасува уште пред вистински да му започне, со оваа селекција на Португалија ќе се обиде да стигне до нов европски трофеј.

Саул Нигез – Саул можеби има најмногу искуство од било кој фудбалер на првенството. На 22 години, Саул веќе има полна биографија зад себе. Знае како е да се игра финале во Лигата на шампиони, знае и дека е најтешко кога губиш од најголемиот ривал на твојот клуб во финалето, и тоа два пати, а знае и како е да се биде шампион на Шпанија. Тој настапува и за сениорскиот тим на „фуријата“, но секако ќе биде главен адут на репрезентацијата на ова првенство.

Доменико Берарди – Најдобриот играч на Сасуоло ќе биде еден од фудбалерите кои треба да блеснат на ова првенство, со оглед на тоа дека многу клубови се интересираат за него. Берарди е еден од главните адути на „аѕурите“, па доколку оваа селекција сака да атакува на златото, овој голгетер ќе мора често да ги тресе противничките мрежи.

Инаки Вилијамс – Експлозивниот напаѓач на Атлетик Билбао е идната ѕвезда на шпанскиот фудбал. За Билбао веќе две сезони наназад е редовен стартер, одлично се снаоѓа и како крилен офанзивец и како централен напаѓач, па со својата универзалност сигурно ќе биде значаен адут на селекторот Селадес.

Федерико Бернардески – 23-годишниот офанзивец на Фиорентина сезонава блесна во Серија А. Со 14 погодоци за „виолетовите“ беше втор најдобар стрелец по Никола Калиниќ, а цената му порасна на 24 милиони евра. Јувентус, Интер, Челси се едни од клубовите кои се борат за неговиот потпис, но пред да најде нов клуб има задача да биде носител на играта на нациналниот тим на Италија.

Се вчитува...