Најлудиот меч на Лука Дончиќ – тројка за победа и нов трипл-дабл (видео)

Лука Дончиќ го одигра својот најдобар плејоф-натпревар во кариерата предводејќи го Далас до неверојатна победа од 135-133 (по продолжение) над ЛА Клиперс, израмнувајќи на 2-2 во оваа серија од Западната конференција. Младиот Словенец беше повреден на третиот меч, вечерва немаше помош од повредениот Порзингис, но сепак стисна заби и не само што настапи, туку со неповторлив меч го предводеше својот тим до триумф.

Далас се врати од „минус 21“ во втората четвртина, Дончиќ уште во третиот период имаше бројки за трипл-дабл, а до крајот на мечот стигна до фантастични 43 поени, 17 скокови и 13 асистенции. Згора на тоа, Словенецот ги постигна последните седум поени за Далас во последната минута од продолжението, вклучувајќи ја тука и тројката со звукот на сирената за голема радост на Далас.

Со овие бројки, Дончиќ стана втор најмлад кошаркар во историјата што врзал два трипл-дабл натпревари во плејофот, веднаш зад легендарниот Меџик Џонсон. Воедно, Словенецот е најмлад кошаркар во историјата на НБА што стигнал до трипл-дабл со 40 постигнати поени во доигрувањето.

Погледнете ја неверојатната завршница, најпрвин Дончиќ погоди во рекетот за водство на Далас од два поени, следеше тројка на Морис за „плус еден“ за ЛА Клиперс, пред Словенецот да блесне во сиот свој сјај и да ја погоди тројката со звукот на сирената.

Бостон е првиот тим што обезбеди пласман во полуфиналето од Источната конференција откако триумфираше и во четвртиот натпревар против Филаделфија, овојпат со резултат 110-106. Кемба Вокер беше лидер на Бостон и во оваа победа постигнувајќи 32 поени, додека на Филаделфија не и помогна ниту одличното издание на Ембид, кој го заврши мечот со 30 поени и 10 скокови.

Се вчитува...