Најмладиот тренер во најдобрите пет фудбалски првенства во Европа доби отказ

Триесетиедногодишниот белгиски тренер, Вил Стил заминува од редовите на Ремс, објави францускиот клуб. Причината за заминувањето не е обелоденета, но 31-годишникот заминува од тимот со крената глава и остварена цел во сезоната.

Во ноември 2022 година Стил стана најмладиот тренер во најдобрите пет фудбалски првенства во Европа, а францускиот клуб поради него мораше да плаќа казна од 25 илјади евра на секој натпревар бидејќи Стил немаше професионална тренерска лиценса на УЕФА.

И покрај годините Белгиецот покажа искуство, од самиот почеток остваруваше добри резултати, а така беше и оваа сезона во која клубот ја исполни главната цел – опстанок во Лига 1. Во моментот Ремс е на 11. место на табелата, а во последните три натпревари во сезоната на клупата нема да го има Стил.

Се вчитува...