Наоми Осака по јапонски метод: Работи многу и тивко освој го светот

Наоми Осака е првата Азијка во историјата на тенисот што го зазела лидерското место на светскиот ранкинг на најдобрите, гледано во двете конкуренции. Со 21 година, таа е најмладата што е број еден во светот по Каролине Возњаки во 2010 година.

Најновата ВТА листа ја наградува Наоми Осака за двете последовни грен-слем титули, првата воошто во кариерата, од УС Опен освоена против идолката од детството, Серена Вилијамс, а втората со победа против една од најголемите, Петра Квитова изминатиов викенд во Мелбурн.

Претходно, најдобрата Азијка на ВТА листата беше На Ли која во феверуари 2014 се проби на втората позиција. Осака е 26. тенисерка која се позиционирала на водечкото место на ВТА ранкингот.

„Повеќе од возбудена сум што станав број еден во светот. Секогаш сакав да бидам на оваа позиција и чест ми е што сум во елитната група тенисерки кои го достигнале првото место“ – изјави Осака по објавувањето на листата.

Ривалката на Осака од финалето во Мелбурн, Петра Квитова се проби на втората позиција на најновата листа, додека Романката Симона Халеп која беше број еден од февруари минатата година падна на позицијата број три. Следуваат, Стивенс, Плишкова, Свитолена, Бертенас, Возњаки, Сабаленка која ја заокружува најдобрата ’десетка’. Серена Вилијамс е на 11. место.

Се вчитува...