Наполи без Елмас го растури Ливерпул

Наполи и без помошта на Елиф Елмас го совлада Ливерпул со убедливи 3-0 на пријателскиот натпревар одигран во Шкотска, продолжувајќи ја серијата без победа на актуелниот европски првак која сега изнесува четири натпревари. Јирген Клоп ниту на овој меч не можеше да смета на Мане, Салах, Фирмино и Алисон Бекер, а „наполитанците“ знаеја како да го искористат отсуството на четворицата стандардни првотимци на противникот и стигнаа до убедлива победа.

Лоренцо Инсиње го отвори резултатот со прекрасен удар, а на 2-0 зголеми Милик. Сите надежи за камбек на Ливерпул потонаа на стартот од второто полувреме, кога Јунес го совлада Мињоле за водство од 3-0.

Елмас поради бирократски проблем не беше во можност да отпатува со тимот за Шкотска, но се очекува македонскиот репрезентативец да биде дел од експедицијата на Наполи за САД, каде италијанскиот вицепрвак ќе одигра две контролни средби со Барселона.

Се вчитува...