Наполи без милост: Елмас и соиграчите казнети со 2,5 милиони евра

Хаосот во Наполи уште повеќе ќе се зголеми откако денеска беше обелоденето дека претседателот Де Лаурентис планира жестоко да ги казни фудбалерите за непочитување на дисциплинскиот правилник, и тоа со вкупна казна од околу 2,5 милиони евра. Играчите на Наполи одбија да се вратат во тренинг-кампот по ремито во ЛШ со Салцбург, почнувајќи војна со управата на клубот.

Страстите се разгореа, Де Лаурентис се закани и со распродажба на тимот, а утрово италијанските медиуми открија и дека сите фудбалери ќе бидат казнети меѓу 25% и 50% од месечните примања. Процентот ќе варира во зависност од тоа дали играчите биле иницијатори на бунтот (ќе останат без половина плата) или пак само ги послушале поискусните.

Елиф Елмас покрај оваа санкција, ќе биде дополнително казнет по покренатата дисциплинска постапка поради давање неовластено интервју за време на медиумскиот бојкот.

Се вчитува...