Наполи ги објави казните: Елмас ќе плати над 50.000 евра

Раководството на Наполи денеска и официјално ја објави листата со казни за сите фудбалери поради недисциплината покажана по завршувањето на натпреварот од ЛШ против Салцбург. Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас ќе остане посиромашен за 56.250 евра како дел од изречените санкции врз целиот тим, при што најмногу настрадаа Инсиње, Кулибали и Алан.

За потсетување, претседателот Де Лаурентис разочаран од изданието на својот тим по ремито од 1-1 наредил целата екипа да замине во тренинг-комплексот и да се подготвува за следниот натпревар од Калчо-лигата.  Фудбалерите одбиле да го послушаат првиот човек на клубот, по што веднаш стигнаа закани за санкции што денеска беа остварени. Санкциите се движат меѓу 25% и 50% од платата на играчите, а Елмас е казнет со иста сума како и албанскиот бек Хисај.

Бразилецот Алан е казнет затоа што покрај предводење на бунтот, влегол во конфликт и со потпретседателот Едо де Лаурентис, син на првиот човек на клубот. Тој е казнет со 187.950 евра (две неделни плати), а повеќе од него ќе платат само дефанзивецот Кулибали (225.000 евра) и голгетерот Лоренцо Инсиње (374.400 евра). Воедно, Инсиње е потенциран како главен виновник за бунтот на екипата, поради што се најавува дека тој би можел да биде продаден веќе во јануарскиот преоден рок.

Се вчитува...