Наполи го бара Дармијан на позајмица

Италијанскиот калчолигаш Наполи ќе направи обид за да го врати репрезентативецот на „аѕурите“, Матео Дармијан, во татковината. Членот на Манчестер јунајтед подолг период не е во најтесните планови на менаџерот Жозе Мурињо и бара излез од „Олд Трафорд“, а сега му го понуди Карло Анчелоти, кој сака да го има во својот тим како позајмен играч во претстојната сезона од Серија А.

Дармијан не успеа да ја добие битката со Антонио Валенсија на десната странична позиција, понекогаш ја затвораше левата бековска позиција во тимот на Манчестер јунајтед, но очигледно не е задоволен од статусот. Беше во преговори со Јувентус, се најавуваше можност да ја засили и Рома, а сега има понуда и од Наполи да се врати во Италија. Најверојатно и ќе ја прифати, со оглед дека Мурињо не му гарантира минутажа ниту во новата сезона од Премиер – лигата.

Во меѓувреме, по претседателот Де Лаурентис сега и тренерот Анчелоти децидно ги отфрли гласините дека „наполитанците“ ќе почнат преговори со ПСЖ за трансферот на Единсон Кавани.

Се вчитува...