Наполи го враќа Рафа Бенитез на клупата?

Аурелио де Лаурентис се откажува од намерата да го задржи Маурицио Сари на клупата на Наполи, па веќе ја почнал потрага по нов стратег кој ќе го води клубот од Неапол во наредната натпреварувачка сезона. Како што информираат италијанските медиуми, високо на листата со желби на претседателот на „наполитанците“ се наоѓа и Рафаел Бенитез, шпанскиот стратег кој го водеше Наполи до 2015 година, кога се пресели на клупата на Реал Мадрид.

Де Лаурентис во неколку наврати се обиде да потпише нов договор со Сари, кој втора година по ред води жестока битка за титулата со Јувентус. Сепак, овој стручњак во меѓувреме доби интересни понуди од Премиер-лигата, па ја крена и сумата што ја бара за продолжување на верноста кон „наполитанците“, лутејќи го претседателот кој е познат по тоа што нема преголемо трпение во вакви ситуации.

Рафа Бенитез бележи добри резултати со Њукасл и бил изненаден од повикот на поранешниот претседател. Тој не ја отфрлил можноста за камбек, но останува да се види дали Шпанецот ќе се реши да си замине од кормилото на „црно-белите“ за враќање во Неапол. Доколку тој не прифати такво нешто, во игра се Марко Џампаоло, Симоне Инзаги и Унаи Емери.

Се вчитува...