Наполи ја освои Сардинија, Елмас пак одигра цел натпревар

Елиф Елмас повторно ги одигра сите 90 минути за Наполи, помагајќи му на својот тим да стигне до триумф од 0-1 на гостувањето против Калјари и повторно да фати приклучок во битката за излез во фудбалска Европа. „Наполитанците“ експресно го оставија зад себе разочарувачкиот домашен пораз од Лече, овојпат одиграа многу подобро на дефанзивен план, па еден гол им беше доволен да стигнат до посакуваните три бода.

Тој погодок беше постигнат во второто полувреме, кога Дрис Мертенс одлично се снајде во противничкиот шеснаесетник и со прецизен удар со помош на левиот дирек ја смести топката во мрежата. Наполи со трите бода сега има вкупно 33 на осмата позиција, само два помалку од шестопласираната Верона (место кое води во Лигата на Европа).

Елмас го одигра целиот натпревар, од стартот беше дел од напаѓачкото трио играјќи од левата страна, а по влегувањето во игра на Инсиње македонскиот репрезентативец беше прекомандуван во средниот ред, каде исто така одлично се снајде.

Се вчитува...