Наполи не го дава врвот, бламажа на Фиорентина

Неполни 24 часа Јувентус престојуваше на врвот на табелата во Серија А, откако Наполи попладнево триумфираше со 3-1 на дуелот со Болоња, резултат со кој „наполитанците“ се вратија на првото место. Домашните навивачи во Неапол беа шокирани откако гостите поведоа уште во првата минута преку Паласио, но само четири минути подоцна домаќините израмнија со автоголот на Мбаје. Потоа работите во свои раце ги презеде Дрис Мертенс, кој со два погодоци му ја донесе победата на својот тим.

Фиорентина се избламира викендов откако „виолетовите“ беа декласирани на домашен терен од Верона со 1-4. „Веронезите“, кои се наоѓаат на претпоследното место на табелата, го растурија големиот фаворит, младиот Кин два пати се запиша меѓу стрелците, а по еднаш тоа го сторија Вуковиќ и Ферари.

Џенова загуби на домашен терен од Удинезе со минимални 0-1, натпревар на кој Горан Пандев ги одигра сите 90 минути, но неговиот тим не успеа да ја затресе мрежата на гостите..

Резултати Италија:

Џенова – Удинезе 0-1, Фиорентина – Верона 1-4, Торино – Беневенто 3-0, Наполи – Болоња 3-1, Кротоне – Калјари 1-1.

Се вчитува...