Наполи оствари фантастичен успех стигнувајќи до второто скудето во последните три сезони од Серија А откако тимот на Антонио Конте вечерва славеше над Калјари со 2-0, резултат со кој „наполитанците“ ја задржаа предноста од еден бод во однос на Интер и се закитија со титулата.
Најзаслужен дефинитивно е токму тренерот Конте, кој успеа да создаде моќен колектив откако тимот сезонава остана и без Осимен и без Кварацхелија, но успеа да ги надмине сите предизвици и да заврши на чело на табелата. Денешниот меч го реши Скот Мектоминеј, откако шкотскиот ас блесна и во ова последно коло, со неверојатен волеј стрелајќи за водство и тотална еуфорија на стадионот „Диего Армандо Марадона“. Гостите беа на колена, а Лукаку го искористи тоа за гол на самиот почеток од второто полувреме, со што победата беше осигурана, а избраниците на Конте рутински ја одржаа предноста до самиот крај.
Интер во својот последен меч славеше со 0-2 на гостувањето против Комо со головите на Де Фрај и Кореа, што сепак се покажа недоволно за да се стигне до титулата. Симоне Инзаги одмори голем дел од првотимците за претстојното финале од ЛШ, „нероаѕурите“ стигнаа до посакуваниот триумф, но резултатот во Неапол не им одеше во прилог, па мораа да му ја предадат круната на големиот ривал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА