Наполи се мачеше, нов кикс на Интер, Пандев ја спасуваше Џенова во последните минути

Наполи, иако со многу повеќе мака од очекувањата, стигна до триумф против Сампдорија дополнително зацврстувајќи се на лидерската позиција во Серија А по 18. коло. Интер, пак, и вторпат едноподруго киксираше сега на гостувањето против Сасуоло каде загуби со 1-0.

Наполи славеше со 3-2 против Сампдорија и покрај тоа што гостите во два наврати имаа предност од 0-1 и 1-2 со головите на Рамирез во 2. минута и Кваљарела во 27. минута од пенал.

Но, „наполитанците“ израмнуваа преку Алан во 16. минута и Инсиње во 33. минута за да целосен пресврт донесе Хамшик со голот во 39. минута. Во вториот дел Наполи остана и со играч помалку по исклучувањето на Руи во 77. минута, но успеа да ја зачува победата.

Интер, пак, и втор меч по ред доживува пораз. Сасуоло ги шокираше „нераѕурите“ победувајќи со 1-0 со голот на Фалчинели во 34. минута. Икарди во 49. минута промаши пенал за Интер.

Горан Пандев одигра цел натпревар за Џенова која со гол на Лападула од пенал во 91. минута славеше против Беневенто минимално со 1-0. Пеналот беше направен врз Лападула во шеснаесетникот на гостите, откако претходно токму Пандев му асистираше.

Македонскиот репрезентативец беше еден од најзапазените фудбалери на теренот, но не успеа да се запише во листата на стрелците. Иако, во 40. минута го погоди и дирекот од противничкиот гол по еден шут од работ на шеснаесетникот, а во 66. минута противничкиот голман одбрани негов шут од 15 метри.

На крајот, сепак, Џенова стигна до три бода со погодокот на Лападула, избегнувајќи срам против убедливо најслабата екипа во првенството.

РЕЗУЛТАТИ – 18. КОЛО

Наполи – Сампдорија 3-2

Сасуоло – Интер 1-0

Џенова – Беневенто 1-0

СПАЛ – Торино 2-2

Удинезе – Верона 4-0

Милан – Аталанта (18 ч.)

Јувентус – Рома (20:45 ч.)

ТАБЕЛА: Наполи 45 бода, Јувентус(-1) 41, Интер 40, Рома(-2) 38, Лацио(-1) 36, Сампдорија(-1) 27,…

Се вчитува...