Наполи се врати на врвот – Лацио добро почна, па настрада

Само 24 часа траеше престојот на Јувентус на врвот на Серија А откако Наполи вечерва славеше на дербито со Лацио (4-1), стигнувајќи до три бода со кои избраниците на Сари експресно се вратија на првото место на табелата.

„Лацијалите“ одлично го отворија натпреварот, поведувајќи на самиот старт преку Де Вриј и одржувајќи ја предноста се до крајот на првото полувреме. А тогаш, едно мало невнимание доведе до целосна промена на случувањата на теренот, откако Калјехон во 45. минута избегна една офсајд замка и израмни на 1-1.

Полни со самодоверба, „наполитанците“ во вторите 45 минути го демолираа својот противник, најпрвин автогол си постигна Валас, а потоа меѓу стрелците се запишаа Зиелински и Мертенс, за уште една потврда за шампионските амбиции на тимот од Неапол.

Наполи има еден бод предност во однос на Јувентус, тимот на Сари во следното коло има лесна задача на домашен терен со СПАЛ, додека Јуве го очекува нов тежок предизвик, гостување против градскиот ривал Торино.

Се вчитува...