Наполи уште сега се засилува за следната сезона

Раководството на Наполи напорно работи да ги засили своите редови уште пред да заврши оваа сезона и пред почетокот на летниот преоден рок. Имено, италијанските медиуми пренесуваат дека се договорени дури двајца фудбалери кои веќе прифатиле да го облечат светло-синиот дрес за следната сезона. Станува збор за левиот бек на Бенфика, Алекс Грималдо, и играчот за врска на Сампдорија, Лукас Тореира, за кои Наполи ќе издвои 30, односно 25 милиони евра.

За трансферот на младиот Уругваец познати се и деталите, Тореира ќе потпише петгодишен договор со плата од 1.5 милиони евра по сезона. Што се однесува за Грималдо, се претпоставува дека и шпанскиот младинец ќе стави потпис на договор според кој би се задржал пет години на „Сан Паоло“.

Трансферот на Грималдо помалку доаѓа како принуден бидејќи првата опција на Сари на левата бековска позиција е тешко повреден, сезоната за Фаузи Гулам заврши одамна. 22-годишниот бек потекнува од академијата на Барселона, но никогаш не настапи за првиот тим. Од 2016 година е член на Бенфика и стандарден првотимец.

Тореира пак, прераснува во голема ѕвезда и импресионира со секој следен натпревар. Со настапите за Сампдорија го привлече вниманието на неколку големи клубови, но Наполи беше најупорен и рано си ја заврши работата. За следната сезона ќе имаат уште еден квалитетен фудбалер на средината на теренот, заедно со Хамшик, Алан, Жоржињо и Зиелински, иако се наговестува заминување на Жоржињо бидејќи е мета на клубови како Манчестер јунајтед, Сити, Ливерпул…

Се вчитува...