Јувентус стана уште посилен со ангажманот на Кристијано Роналдо, но Наполи нема намера предвреме да се предаде во битката за титулата. Карло Анчелоти знае дека во тимот ќе му бидат неопходни играчи кои знаат како се освојуваат трофеи, па веќе стапил во контакт со неколку играчи кои би го направиле Наполи „кадарен“ за нова битка со „старата дама“.
Најблизу до преселба во Неапол во моментов е Артуро Видал. Чилеанецот не е задоволен во Баерн Минхен, минатата сезона во неколку наврати најавуваше заминување, па сега новиот тренер Нико Ковач дал зелено светло Видал да си замине ако пристигне интересна понуда. „Наполитанците“ планираат да го искористат тоа и веќе подготвиле 25 милиони евра, сума што веруваат дека е доволна бидејќи Видал има само уште една година од актуелниот договор со Баерн и наредното лето би бил слободен без никаква отштета. Самиот фудбалер изразил желба за враќање во Италија, па според италијанските медиуми преговорите сигурно ќе се интензивираат во следните десетина дена.
Уште една голема желба на Анчелоти е Анхел ди Марија, аргентинскиот ас кој играше извонредно во дресот на Реал Мадрид додека Италијанецот седеше на клупата на „кралскиот клуб“. Информациите од Италија тврдат дека Анчелоти веќе стапил во контакт со овој фудбалер, кој нема загарантиран првотимски статус во ПСЖ, па лесно може да се случи да биде продаден. Ди Марија моментно се проценува на 40 милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА