Наполи во офанзива – понуда за Икарди што не се одбива

Чекајќи следниот викенд ќе стартува сезоната во „Серија А“, управата на Наполи тргнува во тотална офанзива за потпис на Мауро Икарди. Медиумите на Апенинскиот полуостров тврдат дека Аргентинецот има „дил“ со Јувентус, поради што веќе одби бројни понуди, но „наполитанците“ се убедени дека со најновиот обид ќе успеат да го убедат одличниот голгетер да му се приклучи на тимот на Карло Анчелоти.

За таа цел, подготвена е понуда од 60 милиони евра за Интер, сума што досега ниту еден клуб им ја нема понудено на „нероаѕурите“ за поранешниот капитен. Клубот од Милано чекајќи на продажбата на Икарди ги загуби шансите за потпис на Един Џеко, па сега и Антонио Конте инсистира Аргентинецот што побрзо да биде продаден, за на негово место да биде потпишан нов напаѓач. Што се однесува до самиот фудбалер, „наполитанците“ ја кренаа понудата од шест на седум милиони евра по сезона, па сега се очекува Икарди во следните 48 часа да донесе одлука за својата иднина.

Неговиот трансфер во Јувентус е блокиран поради бројните напаѓачи на „старата дама“. „Црно-белите“ не успеаја да продадат ниту еден од Манџукиќ, Игуаин и Дибала, па јасно е зошто воопшто не испраќаат официјална понуда до Интер. Прашањето е само дали трпението на Икарди ќе заврши, па тој ќе се пресели во Неапол, или до последно ќе инсистира на трансфер во Јуве.

Се вчитува...