„Наполитанците“ загрижени пред ЛШ: Безбедно ли е патувањето во Барселона?

Италијанскиот калчолигаш Наполи изрази сомнежи дали е безбедно патувањето во Барселона на реваншот од осминафиналето во Лигата на шампионите кој е закажан за 8.август. Ова откако властите во Каталонија повторно ги засилија мерките за безбедност по зголемениот број заболени од коронавирусот. Мечот на „Камп Ноу“ ќе се игра без присуство на публика, но „наполитанците“ се сомневаат дали патувањето за Шпанија е воопшто безбедно. Елиф Елмас со Наполи е единствениот македонски претставник во завршницата од Лигата на шампионите.

Досега во Каталонија има регистрирано вкупно 67.217 случаи на коронавирус, а во последните неколку дена бројката на новозаболени е значително зголемена. Во цела Шпанија има 307.335 случаи од кои 28.420 завршиле со смртни последици.

„Нормално дека сме загрижени, но јас нема да ви дадам одговор на прашањето дали Наполи е подготвен да патува за Барселона. Тоа е прашање за претседателот Аурелио де Лаурентис и останатите клупски директори. Мое да го подготвувам тимот за дуелот со Барселона“, изјави Џенаро Гатузо.

Првиот осминафинален натпревар во Неапол заврши 1-1. Дрис Мертенс постигна гол за водство на Наполи во 30.минута, а Антоан Гризман погоди во 57.минута за израмнување на резултатот.

 

 

 

Се вчитува...