Наследникот на Арјен Робен се „крие“ во Дортмунд

Баерн Минхен ќе има тешка задача да најде соодветна замена за ветеранот Арјен Робен, но легендата на „баварскиот“ гигант Лотар Матеус, вели дека наследникот на искусниот Холанѓанец се крие токму во редовите на Борусија Дортмунд, a неговото име е Кристијан Пулишиќ. Познато е дека Баерн знае да си „дозволи“ еден играч од „милионерите“ речиси секој летен преоден рок, пример за тоа се Марио Геце, Роберт Левандовски и Матс Хумелс, а Пулишиќ е новата млада ѕвезда кој може да направи преселба во редовите на директниот конкурент на Дортмунд.

19-годишниот Американец во саботното „Дер класикер“ беше далеку најдобриот играч меѓу избраниците на Петер Бош, иако неговиот тим загуби со резултат од 3-1. Матеус посочи дека раководството на актуелниот германски првак треба да го земе во предвид квалитетот на Пулишиќ.

„Кога и да тргнат во потрага на замени за искусните Робен и Рибери, Баерн мора да запамети едно име и треба да го има во предвид – Кристијан Пулишиќ. Тој ќе биде новата идна ѕвезда на фудбалот“, изјави Матеус за „Скај“ по дербито кој се одигра во саботата.

Пулишиќ е редовен стартер кај новиот предводник Бош од почетокот на сезонава, иако зад своето име забележа само два гола и една асистенција во Бундеслигата, неговото присуство на теренот прави огромна разлика во корист на својот тим. Има договор до 2020 година, но неговиот татко веќе ги започна шпекулациите околу неговото заминување. Сепак, Дортмунд со сигурност ќе бара висока сума доколку воопшто се одлучи да го продаде.

Се вчитува...