Настев со деби како тренер на Струмица: Целта ни е опстанок

Пред почетокот на вториот дел од регуларниот тек на сезоната Струмица направи целосен ремонт во клубот. Како во раководството така и во ростерот. На местото на Златко Зетов застана Петар Настев кој синоќа дебитира со пораз во Првата кошаркарска лига на Македонија. Настев започна да работи со тимот пред неполна седмица, а поразот се должи на некомплетноста на тимот. Струмичани допрва ќе се обидуваат да го оформат ростерот, пред крајот на преодниот рок (10. март) за да стигнат до зацртаната цел – опстанок во кошаркарската ’елита’на Македонија.

„Првите две четвртини одигравме добро. Имаше дисциплина внатре, додека ги држеше силата и имаше и концентрација. После почна да паѓа, не ги слушаа советите и внатрешната нервоза си го направи своето. Не преземав некои драстични мерки бидејќи знам како е кога се нема кондиција. Поразот е и нормално последица на сите околности кои се случуваа кај нас. Со детална реорганизација, почнувајќи од управата па сè до играчкиот кадар. Децава се собрани само пет дена и за мене уште е ова ново. Не сме ниту комплетирани ниту воиграни. Еден од играчите ни се приклучи завчера, во последен момент Зивчевиќ и Димчевски нè напуштија. Сега чекаме некои нови. Оваа екипа е доста млада, акцент беше ставено да им се даде шанса на нив. Целта ни е опстанок да обезбедиме оваа година“ – истакна Настев.

Се вчитува...