Натпреварот на седмото коло од Првата лига ќе биде одигран денеска со почеток од 19 часот во „Младост“, а во него Гостивар ќе цели на враќање на победничките патеки против ТФТ. Домаќините ќе имаат и дополнителен мотив со оглед на тоа што за прв пат по заминувањето од Гостивар во салата се враќа Александар Костоски.
Дуелите на овие два противника претходната сезона ни прередија одлични битки во кои двата тима го одбранија домашниот терен. ТФТ славеше со 81-73 во Скопје, а Гостивар по продолжение so 115-109 во „Младост“.
Интересно е тоа што во последниот натпревар одигран во домот на Гостивар токму Александар Костоски беше лидер на „сино-белите“ со 27 поени и 10 асистенции, а предводник на „црно-белите“ беше Тај Харис со 26 поени и 8 асистенции, кој од овој дуел се враќа во мак-баскетот, повторно во составот на тимот од Тафталиџе.
Очекувањата од двата табора се интересен натпревар, а акцентот за победа го ставија на одбраната.
„Екипата на Гостивар ќе биде добар тест за нас по тешкиот период со многу натпревари и патувања во Израел и Бугарија, но и покрај тоа мислам дека сме подготвени за противникот и се надевам на победа. Добрата тимска хемија ќе биде предност, а клучно за победата ќе биде агресивната одбрана и транзицијата во нападот. Ако го дадеме нашиот максимум не би требало да имаме големи проблеми за да го добиеме натпреварот“, изјави за ЕКИПА, Виктор Ташовски.
„Не очекува многу важен натпревар против многу добар тим, поготово по тешкиот пораз во претходното коло. Знаеме за што е способен ТФТ и мора да бидеме подготвени за натпреварување во сите 40. минути. Работевме напорно во текот на целата седмица и подготвени сме за борба пред нашите навивачи. Ќе мора да одговориме на нивната агресивност и од тоа да направиме предност, и секако да одиграме тимски во одбраната. Знаеме дека станува збор за тим кој игра добро во нападот па ќе мора да бидеме концентрирани во одбраната и да ги одземеме нивните предности. Доколку успееме да ја наметнеме нашата игра мислам дека може да стигнеме до победа“, изјави за ЕКИПА, Ијасу Ворку.
Фокусот на денешниот дуел покрај бековската линија ќе биде и на центарската позиција каде Гостивар ќе се обиде да ги искористи повредите на ТФТ и со контрола на играта во рекетот и скок играта да ја лимитира добрата транзиција на гостите и да го наметне својот ритам на игра.
View this post on Instagram
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА