Натпревар на колото: Ќе најде ли ТФТ решение за актуелниот шампион?

Натпреварот на деветото коло од Првата лига ќе биде одигран денеска со почеток од 17 часот во СРЦ „Кале“ каде ТФТ ќе го пречека актуелниот шампион МЗТ Скопје. Дуелите на овие два тима претходната сезона ни донесоа два различни исхода. „Црно-белите“ до последните минути се бореа за победата во Аеродром, а „сино-белите“ потоа покажаа доминација на гостувањето па стигнаа до лесна победа.

Во новата сезона двата тима претрпеа промени, но акцентот повторно ќе биде ставен во играта во рекетот. Таму Андреј Маслинко, Амир Смит и Еј-Џеј Џон ќе се обидат да ги лимитираат Роберт Рикиќ, Немања Милошевиќ и Бојан Крстевски и обратно, а големо значење ќе има и реализацијата зад линијата 6,75.

Во овој натпревар тимот од Тафталиџе влегува со три победи на три натпревари одиграни на домашен терен, но во обид за рехаблитација од поразот од Феникс 2010 во претходното коло. За разлика од домаќините, гостите од Аеродром кои се намачија да стигнат до победа против Гостивар се наоѓаат во победничка низа која трае веќе седум меча еден по друг па ќе биде интересно да видиме дали ТФТ повторно ќе го одбрани домашниот терен или пак ќе продолжи победничката серија на МЗТ Скопје.

Покрај овој натпревар денеска Куманово во „Перо Наков“ го пречекува Феникс 2010 од 18:00, а час подоцна во „Младост“ Гостивар силите ќе си ги одмери со Академија ФМП.

Се вчитува...