Натпревар на колото: МЗТ Скопје бара продолжување на серијата победи против Гостивар

Натпреварот на осмото коло ќе биде одигран во Аеродром каде МЗТ Скопје го пречекува Гостивар од 18 часот во СЦ „Јане Сандански“. Дуелите на „сино-белите“ ретко кога разочаруваат, а дали ќе биде така и денеска останува да видиме.

Двата тима влегуваат во овој натпревар на крилјата на победите во претходното коло. Избраниците на Радуловиќ по враќањето од АБА лигата ја потврдија одличната форма со убедлив триумф над Ангели, додека Гостивар на домашен терен лесно се снајде со ТФТ.

Овие два тима претходната сезона одиграа два сосема различни дуели во кои акцентот беше ставен на одбраната. Аеродромци лесно славеа во СЦ „Јане Сандански“ со 93-76, а гостиварци блеснаа во „Младост“ каде го лимитираа МЗТ Скопје на 51 постигнат поен, а постигнаа 65 за комотна победа.

Во однос на тие дуели ростерите на двата тима претрпеа големи промени па во новата сезона очекуваме и сосема различна битка. Акцентот ќе биде ставен на играта под рекетот каде ќе биде интересно да ги проследиме дуелите на Крстевски, Рикиќ и Милошевиќ од едната и Тодоровиќ, Јанески и Силаџи од другата страна.

Покрај тоа ќе биде интересно и да го видиме одговорот на МЗТ Скопје за Ијасу Ворку, разигрувачот на Гостивар кој е лидер на тимот. Но, доколку некој знае да се одбрани од бековите, јасно е дека тоа е актуелниот шампион кој тоа го докажа на мечот против Работнички каде го лимитираше Пол Џексон на реализација 3/15.

„Гостивар е екипа која игра одлично сезонава и тоа го докажаа со петте победи. Станува збор за добар систем каде што има склоп од младост и искуство и тоа го користат одлично. Сепак ќе зависи и од нас бидејќи сме во добра форма со осум победи во низа во двете натпреварувања па во таборот владее позитивна атмосфера. Очекувам интересен натпревар во кој ќе се обидеме повторно да го одбраниме домашениот терен и воедно тука ја гледам предноста во однос на противникот“, изјави за ЕКИПА, Адем Мекиќ.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ЕКИПА (@ekipa.mk)

Се вчитува...