Наумоски: Срцето ми бие и за Македонија и за Австрија…

Илчо Наумоски имаше зад себе успешна репрезентативна кариера со македонскиот национален тим, додека на клупски план со голем успех настапуваше за неколку екипи во Австрија. Затоа, во пресрет на дуелот во Виена меѓу Австрија и на Македонија, Наумоски неслучајно се најде во центарот на вниманието на домашната фудбалска јавност.

„Срцето ми бие и за Македонија и за Австрија, така што кој и да победи на саботниот натпревар јас ќе бидам среќен. Штета е што Македонија не успеа да стигне до добар резултат во Полска, тогаш овој натпревар ќе беше клучен и за двете селекции. Вака, дури и доколку победиме во Виена, Австрија во секој случај во последното коло ќе слави над Летонците, кои се преслаби во овие квалификации“ – вели поранешниот македонски голгетер.

Според него, шансите на Македонија значително се намалуваат со неиграњето на суспендираните Несторовски, Муслиу и Николов.

„Станува збор за исклучителни фудбалери кои многу тешко можат да се заменат. Без нив ќе биде тешко да се стигне до позитивен резултат, особено ако се земе во предвид квалитетот на домаќинот. За мене Австрија е меѓу Топ 10 репрезентациите во Европа, го има Арнаутовиќ како голгетер од светска класа и Алаба, кој е најдобар лев бек во светот“ – коментира Наумоски.

Се вчитува...