Малото финале од Евробаскет 2017 воедно ќе биде и последен меч во дресот на Шпанија за Хуан Карлос Наваро, извонредниот шутер кој доминираше на големите натпреварувања во последните петнаесетина години. Тој и претходно најави дека по овој европски шампионат повеќе нема да го носи дресот на „црвената фурија“, одлука што ја потврди по поразот од Словенија во полуфиналето.
„Ништо нема да биде исто, без Хуан Карлос Наваро Шпанија немаше да биде онаму ккаде што е сега. За нас помладите е чест што имавме можност да играме и да учиме крај него“ – изјави Хуанчо Ернангомез, еден од младите играчи кои ќе го превземе товарот на наследник на големиот ас.
Наваро добива минимална минутажа на овој шампионат, на кој во просек постигнува 3,9 поени по натпревар. Тој стана играч со најмногу настапи за националниот тим, во кариерата освои девет медали со Шпанија, од кои три златни (СП 2006, Евробаскет 2009 и 2011), а за наша жалост најдобриот меч го одигра токму против Македонија, на најголемиот натпревар во нашата историја. Македонија се сретна со Шпанија во полуфиналето од Евробаскет 2011 во Литванија и нашите кошаркари одиграа одлично, но немаа лек за Наваро, кој со 35 поени стави крај на сонот за историско финале.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА