Навивачите ја премислија управата: Милан крева раце од Лопетеги

Милан се соочи со нов сериозен проблем во потрагата по нов тренер откако навивачите гласно го кренаа гласот против Хулен Лопетеги, откако шпанскиот стратег имаше неколку средби и веќе влезе во завршна фаза од преговорите со раководството на италијанскиот гигант.

Заминувањето на Пиоли на крајот од сезонава е завршена работа, италијанскиот тим беше поврзуван со неколку стратези, но изборот на директорот Фурлани падна на Лопетеги, поранешниот тренер на Реал Мадрид и селектор на Шпанија кој начелно ги прифати понудените услови за преселба на „Сан Сиро“.

Сепак, управата на Милан остана шокирана по бурната реакција на навивачите, кои јасно ставија до знаење дека не го сакаат Шпанецот во својот клуб, покренувајќи низа акции по социјалните мрежи со хаштаг „нопетеги“.

Италијанскиот трансфер-експерт Џанлука ди Марцио тврди дека првиот човек на клубот, Гери Кардинале, е подготвен да ги послуша навивачите и веќе испратил порака до Фурлани да ги разгледа останатите кандидати. Откако и Лопетеги отпадна од трката, сега главен фаворит за нов тренер на „росонерите“ е Пауло Фонсека, Португалецот кој летово ќе биде слободен на пазарот по истекот на неговиот договор со Лил.

Се вчитува...