Не можеше потешко: МЗТ со пеколен старт на сезоната во АБА-лигата

МЗТ Скопје ќе има пеколно тешка задача на стартот од сезоната во АБА-лигата, откако регионалното натпреварување го објави календарот за сезоната 2022/23. Според него, македонскиот првак во првото колоќе му гостува на шампионот Црвена Звезда, а во втората рунда ќе биде домаќин на вицепрвакот Партизан, два клуба што донесоа супер-сериозни засилувања за настапот во Евролигата, па и во новата сезона важат за големи фаворити за титулата во АБА.

Воопшто не станува збор за ждрепка, туку МЗТ Скопје како најслабо рангиран клуб (влезе како второпласиран во АБА2) го имаше и последниот број од предвидениот календар. Според него, „металците“ на стартот ќе се сретнат со најтешките ривали, па така по дуелите со белградските вечни ривали избраниците на Александар Петровиќ ќе ги очекува дуел со Будуќност, а првиот нешто полесен противник, барем на хартија, ќе го имаат во четвртото коло, кога во Скопје ќе гостува црногорскиот претставник Студентски Центар, по што ќе следи гостување на Цедевита во Љубљана и домашен меч со Морнар.

Првото коло од АБА-лигата е закажано за периодот од 30 септември до 3 октомври. Лигашкиот дел од АБА1 е предвидено да заврши на 14 април, а МЗТ Скопје во последното коло на домашен терен ќе ја пречека Цибона.

Се вчитува...