Џејдон Санчо пред неколку дена наполни 20 години, но англискиот репрезентативец веќе вреди над 100 милиони евра по одличните игри што во последните две сезони ги прикажува во дресот на Борусија Дортмунд. Тој не крие дека сака да си замине од клубот по завршувањето на сезонава, од челниците на клубот веќе ставија до знаење дека нема да му стојат на патот, но и дека не планираат да ја намалат сумата што очекуваат да ја заработат од овој мегатрансфер.
„Ако Санчо решил да замине, ние нема да го држиме сосила во клубот. Сепак, условите кои ќе треба да се исполнат се значителни, а оние кои сакаат да го доведат во своите редови треба да знаат дека нема да има попуст поради коронавирусот“, порачаа од раководството на Борусија Дортмунд.
Цената што германскиот клуб очекува да ја достигне изнесува 110 милиони евра, сума што мал број на клубови ќе можат да ја платат за да го доведат англискиот крилен офанзивец во својот табор.
Манчестер Јунајтед и Ливерпул остануваат во главна улога во трката по Санчо, за чии услуги се интересираат и челниците на Челси.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА