Неапол во шок: Рома со џиновска услуга за Јувентус

Наполи е во шок откако избраниците на тренерот Сари вечерва беа декласирани на домашен терен од Рома со 2-4, губејќи значајни бодови во трката за скудетото. Само неколку часа откако Јувентус го победи Лацио со гол во 93. минута, „наполитанците“ загубија значајна битка пред своите гледачи, па сега имаат само еден бод предност, но и натпревар повеќе во однос на „старата дама“ во битката за највисок пласман.

А мечот почна одлично за домаќините, кои веќе во 6. минута поведоа преку Мертенс, но радоста не траеше повеќе од една минута, бидејќи Рома експресно израмни преку младиот Турчин Ундер, кој продолжи со одличните настапи за „волчицата“. Во 27. минута голгетерските квалитети ги покажа и Един Џеко, па Рома замина на одмор со предност од 1-2. Наполи тргна во офанзива, преку Калјехон го погоди дирекот, шанси промаши и Инсиње, но сепак Рома беше тимот што ја тресеше мрежата во второто полувреме, најпрвин Џеко погоди мајсторски од дваесетина метри, пред Пероти да зголеми на 1-4 по големата грешка на домашниот дефанзивец Руи. Конечните 2-4 во судиското продолжение ги постави Дрис Мертенс.

Рома со оваа победа го прескокна  Лацио на третото место, па сега со 53 бода има еден повеќе од градскиот ривал.

Останува да се види колку брзо „наполитанците“ ќе се опорават од овој шок, ако се знае дека веќе во следното коло ги очекува нов дерби дуел, овојпат на гостински терен против Интер.

Се вчитува...