Кадровски промени во македонскиот фудбалски прволигаш Победа. Претседателската функција оди во рацете на поранешниот играч на клубот, Небојша Стојковиќ. Тој ја презеде од в.д. претседателката Ирена Јакимоска, која раководеше со прилепскиот прволигаш во изминатиот период на преструктуирање.
„Една од причините за свикување на прес-конференцијата е моето предавње на функцијата претседател на клубот на почитуваниот Небојша Стојковиќ. Како што јавноста знае, уште кога бев назначена за в.д. претседател најавив дека ќе останам на функцијата се додека во клубот не се воспостави систем, да може да функционира онака како што треба. Верувам дека направивме правилен избор – претседател кој произлегува од фудбалската фела. Ние и досега работевме заедно, ќе продолжиме и натаму заедно, а јас останувам во клубот како член на бордот на директори и како еден од акционерите во ФК Победа. Во секој поглед и натаму ќе го подржувам клубот и екипата во која верувам, со Стојковиќ како претседател, Јане Николоски како спортски директор и Тони Мегленски како шеф на стручниот штаб“, изјави Ирена Јакимоска.
Идниот претседател на Победа во своето прво обраќање како прв човек на клубот повика на соработка и поддршка од сите структури во клубот, фудбалската јавност во градот, со апел до навивачите за фер и коректно навивање.
„Би сакал да се заблагодарам на довербата и на сите оние кои ме поддржуваат за оваа функција. Без оглед колку време ќе бидам на оваа позиција, можам да ветам дека со моите соработници, со целата управа, ќе донесуваме одлуки во интерес на клубот. Би ја искористил приликата да ги поздравам сите навивачи и да ги повикам на фер и коректно навивање, а ние ќе им вратиме со добри игри и резултати“, изјави Стојковиќ.
Победа подготовките ги продолжува со тест натпревар на 1. август против Тиквеш во Кавадарци, а генералката пред почетокот на ПМФЛ е дуелот против Пелистер на 5. август во Битола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА