Недановски: Еурофарм Пелистер е фаворит, но Вардар оди на поволен резултат во Битола

Ракометарите на Еурофарм Пелистер и Вардар оваа сабота во арената „Боро Чурлевски“ во Битола ќе го одиграат македонското „Ел класико“ како дел од 1. коло од плеј-офот во Суперлигата.

Тренерот на „црвено-црните“ Владо Недановски пред мечот фаворитската улога му ја препушта на противникот, но вели дека неговите играчи не заминуваат во Битола без надеж.

„Не е важно дали е прво или петто или десетто коло натпреварите против Пелистер секогаш се тешки. Тоа што се среќаваме веднаш на стартот не менува ништо. Фаворит е Пелистер, но ние не одиме без никаква надеж во Битола. Се надеваме на добар резултат и ќе дадеме максимум на овој меч. Како што го нарекуваат сите македонско „Ел класико“ овој меч го оправдува тоа име. Играат двата најголеми ривали и само една знам дека ќе е возбудлив и интересен натпревар. Околу нашите нови засилува сметам дека дојдоа во лош период бидејќи имаме малку време за да ги вклопиме во системот“, вели Недановски. 

Околу борбата за титулата тој смета дека Алкалоид исто така е меѓу кандидатите, но дека лигата е многу квалитетна бидејќи и тимови како Тиквеш, Охрид и Бутел многу се засилиле оваа зима.

„Минатата сезона беа во игра три клуба до самиот крај, годинава имаме и 4 и 5 клуб кои се квалитетни и се засилија во овој период. Тиквеш, Охрид и Бутел донесоа добри играчи од силни лиги и навистина очекувам голема борба на секој меч во плеј-офот“, заврши Недановски. 

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар е закажан за во сабота со почеток во 18 часот.

Се вчитува...