Недановски: Нексе е силен тим, Вардар има простор за уште многу да напредува

Ракометниот шампион на Македонија Вардар утре ќе го пречека хрватскиот Нексе во четвртфиналниот натпревар од годинашното издание во СЕХА лигата. Победникот од овој меч ќе обезбеди пласман на Ф4 турнирот кој годинава ќе се игра во хрватскиот Задар.

Тренерот на „црвено-црните“, Владо Недановски вели дека Нексе е квалитетен противник кој минатата година играше во завршницата на Лигата на Европа.

„Турнирот во Струга го искористивме како дел од подготовките за периодот што следи, прво мечот со Нексе. Имавме добри и лоши моменти, сите добија шанса, видовме кои играчи можат да понесат поголем товар. Можам да кажам дека Нексе е добар тим, кој пред неполни два месеци играше „фајналфор“ во Европската лига. Ростерот е речиси ист, се работи за воигран состав, кој не се менува и игра добар ракомет. Речиси секоја година играме со нив по два натпревари, оваа сезона двапати губевме од нив. Анализата е направена, немавме премногу видео-материјал бидејќи играа натпревари од затворен тип. Се надеваме на добар резултат на утрешниот дуел. Има моменти кога играме добро, ама ротацијата е најголем проблем и тоа најмногу ме загрижува. Да бидеме искрени, имаме играчи кои не добивале воопто минутажа во минатите сезони, мора да имаме трпение сите за овој тим да расте, да се даде шанса на тие момци за кои сметам дека имаат потенцијал да прикажат многу повеќе“, изјави Недановски.

Натпреварот меѓу РК Вардар и Нексе Нашице кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје е закажан за утре со почеток во 20.15 часот.

Се вчитува...