Недопирлив: Јокиќ повторно е МВП во НБА-лигата

Доминацијата на Никола Јокиќ во НБА продолжува откако српскиот ас рано утрово беше избран за нов МВП на најсилната кошаркарска лига во светот.

Центарот на Денвер нагетс две години по ред ја добиваше наградата во 2021 и 2022, лани таа заврши во рацете на Џоел Ембид од Филаделфија, за сега повторно да се врати кај српската кошаркарска суперѕвезда. Тој собра повеќе гласови од Гилџус Александер од Оклахома Сити и од третопласираниот Лука Дончиќ, па со три МВП признанија се израмни со легендите на НБА-лигата, Лери Бирд, Меџик Џонсон и Мозес Мелоун.

Убедливо на врвот на оваа ранг-листа се наоѓа Карим Абдул Џабар со шест вакви признанија, пред Бил Расел и Мајкл Џордан со по пет, додека Вилт Чембрлен и Леброн Џејмс имаат по четири МВП-награди во своите блескави кариери.

„Да бидам искрен, помила ми е последната година, кога не бев МВП, но станавме шампиони. Сето ова е еден голем процес, „патување“… јас сум тој што стои сега пред камерите, но зад мене е цел тим од соиграчи, тренери, медицински персонал, секако и семејството. Вие тоа не можете да го видите, но јас всушност сум само еден од нив“, скромно изјави Јокиќ.

Се вчитува...