Неизвесниот натпревар во Скопје со среќен крај за Бутел

Ракометарите на Бутел ја забележаа втората победа во плејофот на Суперлигата откако на домашен терен во драматичен меч го совладаа составот на Струга со 22-21. Домаќините во поголемиот дел од мечот ја контролираа играта, во неколку наврати имаа и предност од четири поени, а „сино-белите“ одолеаја на налетот на гостите во самата завршница и забележаа значајна победа.

По изедначениот натпревар на отварањето на средбата иницијативата први ја превземаа ракометарите на Бутел кои преку мини серија од 2-0 го превземаа водството на натпреварот. Домаќините продолжија да ја контролираат играта и во неколку наврати имаа предност од три разлика, но сепак со подбра игра во самиот финиш на првото полувреме Струга намали на два гола негатива (12-10).

Гостите ја вратија резултатската неизвеснот на самиот почеток на второто полувреме, а во серијата од 3-0 стигнаа и до втората предност на натпреварот (12-13). Бутел повторно го наметна своето темпо и ја врати предноста која во еден момент изнесуваше и +4 (19-15), но падот во играта на „сино-белите“ го искористија гостинските ракометари, кои успеаја повторно да го изедначат резултатот, но немаа сили и за нова предност. Бител во самата завршница ја врати позитивата од два гола, а гостите само го ублажија поразот.

Душан Трифковиќ беше првото име во редовите на скопскиот состав со 7 гола, додека него го следеше Мирко Мајиќ со 4 погодоци. Кај гостинскиот состав најрасположен со 9 гола беше Вукашин Ракочија.

Се вчитува...