Нејмар ги пропушта дуелите против Манчестер Јунајтед во ЛШ?

Бразилската ѕвезда на Пари Сен Жермен, Нејмар, би можел да го пропушти осминафиналниот двомеч во Лигата на шампионите против англискиот премиерлигаш Манчестер Јунајтед. Тој ја обнови старата непријатна повреда на десното стапало и најверојатно ќе паузира подолг период. Нејмар минатата година паузираше околу три месеци поради скршеница на петтата метатарзална коска на стапалото, а на дуелот со Стразбур од Купот на Франција ја обнови повредата.

Тренерот на „светците“, Томас Тухел, откри дека здравствената состојба на Нејмар е проблематична и дека тој најверојатно нема да може да им помогне на соиграчите против Манчестер Јунајтед, посебно на првиот меч на „Олд Трафорд“ што е закажан за 12.февруари.

„Нејмар има големи болки во моментот откако ја обнови старата повреда на метатарзалната коска на стапалото. Третманот на повредата ќе зависи од деталните лекарски анализи, но дефинитивно состојбата не е добра“, изјави Томас Тухел.

Покрај Нејмар, повреден е и Марко Верати, што дополнително ја усложнува работата на Томас Тухел пред гостувањето на „Олд Трафорд“.

Се вчитува...