Нејмар и Мбапе остануваат во ПСЖ, 2000% гаранција од Ал Келаифи

Првиот човек на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи, ги отфрли гласините дека „светците“ ќе бидат принудени да продадат еден од своите главни асови, Килијан Мбапе или Нејмар, за да не добијат суспензија од УЕФА поради прекршување на финансискиот ферплеј. „Светците“ во истиот преоден рок ги доведоа двете големи „ѕвезди“ за вкупно 400 милиони евра, се најавуваше сигурна казна, но очигледно во меѓувреме ситуацијата со УЕФА е средена, штом Ал-Келаифи пука од оптимизам дека ќе ги задржи и Нејмар и Мбапе.

„Гледам дека се уште многу се пишува за Нејмар и Мбапе, дека еден од нив ќе мора да си замине. Веќе реков, сега ќе повторам, ние работиме согласно финансискиот ферплеј и немаме обврска да продадеме никого. Нејмар и Мбапе ќе бидат дел од ПСЖ и во следната сезона, тоа ви го гарантирам јас, и тоа не 100%, туку 2.000% гаранција. Имаме пари и за нови фудбалери, но се ќе биде согласно финансискиот ферплеј“ – истакна Ал Келаифи.

За очекување е „светците“ да разгледуваат понуди за Единсон Кавани, кој ќе биде достапен за трансфер во летниот преоден рок за отштета од околу 50 милиони евра.

Се вчитува...