Нејмар има проблем: На роденден кај сестра му или на реванш со Борусија

ПСЖ ќе го игра реваншот од осминафиналето против Борусија Дортмунд на 11 март. Веста е навидум обична, но во таборот на ПСЖ се загрижени поради овој датум, бидејќи станува збор за роденденот на сестрата на Нејмар, на кој Бразилецот секогаш наоѓа начин да биде присутен.

Нејмар во 2015 година направи груб фаул на мечот со Гранада, заработи суспензија, па можеше да отпатува за Рио де Жанеиро за да биде крај сестра си на нејзината роденденска забава.

Една година подоцна тој доби жолт картон против Рајо Валјекано, по што следеше автоматска суспензија и два слободни дена за пат во Бразил.

Во 2017 година Нејмар веќе беше преселен во ПСЖ, но на почетокот од март се пожали на повреда на мускулот. Никогаш не беше обелоденето за колку сериозна повреда навистина станува збор, но Нејмар отпатува за Бразил и објави фотографии од роденденската забава на својата сестра.

Последните две години беа навистина малерозни, бидејќи Нејмар и во 2018 и во 2019 години заработи тешки повреди, поради кои мораше да отсуствува по неколку месеци. Погодувате, кога дојде 11 март, Нејмар тој дел од рехабилитацијата го минуваше во татковината, во близина на семејството.

Се вчитува...