Нејмар се враќа на терените, но тренерот Тухел е лут

Нејмар е подготвен за камбек на терените и ќе биде во комбинација за тимот на ПСЖ за утрешниот дуел против екипата на Лил. Ова денеска го потврди тренерот Томас Тухел, кој не криеше и дека е разочаран од односот на Бразилецот во изминатиот период, поточно неговата одлука да мине неколку дена во Барселона и да ги подгрее шпекулациите околу неговиот трансфер на „Камп Ноу“.

„Во изминатите денови тренираше повеќе од сите останати и ако се биде како што треба, Нејмар ќе може да игра против Лил. Дали како тренер ми се допаѓа што отпатува во Барселона? Апсолутно не, но тоа не значи дека сега ќе правам драми од целата ситуација. Јас не сум му татко, ниту пак полицаец, за да му кажувам каде смее, а каде не смее да оди“ – изјави Тухел.

Стратегот на ПСЖ обелодени и дека Верати и Ерера сигурно нема да настапат против Лил, а крајно неизвесен е и настапот на Килијан Мбапе, кој поради грип не тренирал во последните денови.

Се вчитува...