Ракометарите на Вардар денеска (17.15 часот) ја почнуваат новата европска авантура, свесни дека улогата на бранители на трофејот ќе биде само мотив повеќе за сите нивни ривали да го земат скалпот на „црвено-црните“ во елитното европско натпреварување. Премиерата е иста како и лани, гостување во Франција против Монпелје, ривал од кого „црвено-црните“ имаат загубено само еден натпревар, и тоа во полуфиналето од Ф4 во Келн пред две сезони.
„Вардарци“ лани пристигнаа во Франција како аутсајдери, без бројни врвни ракометари и без Раул Гонзалес на клупата, но Парондо успеа да ја најде победничката тактика. По голема битка македонскиот тим славеше со 24-27, како најава на сезоната од бајките што кулминираше со освојувањето на втората европска титула.
Овојпат предизвикот е идентичен, повторно си заминаа тренерот и неколку клучни ракометари, но „црвено-црните“ се полни со оптимизам дека ќе успеат да го повторат ланскиот успех.
„Бевме во ваква ситуација пред две сезони, како бранители на трофејот што сите го сакаат. Знааеме дека оваа година ќе ни биде потешка од претходната, но за среќа, притисокот е нешто што му годи на Вардар, нешто што придонесува да остваруваме уште подобри резултати. Една работа е јасна, треба да се однесуваме како шампиони на секој натпревар, а тоа не е нималку лесно“ – изјави капитенот Стоилов во пресрет на новата сезона.
Македонскиот репрезентативец поради повреда нема да може да настапи во Франција, исто како и големото засилување Толедо, а на тренерот Писонеро е да најде побендичк формула во Монпелје, како што тоа во минатото го правеа Раул Гонзалес и Роберто Парондо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА