Некар Левен го „здроби“ Кил, Манасков и Талески шампиони во Бундес-лигата

Некар Левен и дефинитивно се закити со нова шампионска титула во Бундес-лигата, откако тимот на нашите Дејан Манасков и Филип Талески славеше нов дерби-триумф. По големата победа на гостински терен над Фленсбург, „лавовите“ вечерва на домашен терен го пречекаа Кил, декласирајќи го поранешниот европски првак со преубедливи 28-19. Оваа победа, заедно со поразот на Фленсбург на гостувањето против Гепинген, беше сосема доволна за Некар Левен на две кола до крајот да стигне до пет бода предност, за одбрана на титулата во елитното германско ракометно друштво.

„Зебрите“ од Кил солидно парираа само во првото полувреме, кога благодарение на голманот Ландин успеаја да заминат на одмор со минимална негатива од 11-10. Данецот не остана во ист ритам и во вториот дел, но затоа фантастичен беше Апелгрен, кој ги излуде гостинските ракометари, овозможувајќи Некар Левен да се одлепи, извесен период да има и двоцифрена предност, за на крајот да триумфира со 28-19.

Шмит со шест гола беше најефикасен кај Некар Левен, пред Ду Риц и Сигурдсон со по пет погодоци, додека македонските репрезентативци Дејан Манасков и Филип Талески не влегоа во игра на оваа средба.

Само за потсетување, минатата сезона дел од шампионскиот тим на Некар Левен беше Борко Ристовски, а годинава прваци со „лавовите“ станаа Талески и Манасков.

Се вчитува...