Некои навики не „умираат“: Баерн краде уште еден „милионер“

Баерн Минхен се враќа на старите навики да ги ангажира клучните фудбалери на Борусија Дортмунд, откако баварскиот гигант активно се вклучи во трката по Ашраф Хакими. Десниот бек се враќа назад во Реал Мадрид по двогодишната позајмица во Дортмунд што се покажа и повеќе од успешна, но Хакими не сака да остане меѓу „кралевите“ и да му биде резерва на Карвахал.

Шпанскиот гигант е подготвен да го продаде ако добие интересна понуда, Борусија испрати понуда за нова позајмица, но истата беше експресно одбиена од Флорентино Перез. Хакими е проценет на 60 милиони евра, сума што Баерн е подготвен да ја плати за двојна корист – значително да ги засили своите редови, воедно и да го ослаби директниот ривал за висок пласман во Бундес-лигата.

Весникот „Ас“ наведува дека Реал настојува што поскоро да ги финишира преговорите со баварскиот гигант, а Баерн му понудил и одлична плата од почетни шест милиони евра по сезона, што десниот бек е подготвен да ја прифати.

Интерес за Хакими покажува и Манчестер Сити, но „граѓаните“ уште околу еден месец нема да знаат дали ќе им биде прифатена жалбата за казната за неиграње во ЛШ. Гвардиола висината на буџетот за засилувања ќе ја дознае дури по пресудата на ЦАС, па токму затоа Баерн настојува што поскоро да го комплетира трансфер и да донесе уште еден врвен играч на Борусија, откако тоа претходно го стори и со Хумелс, Левандовски, Геце…

Се вчитува...